Бизнисот со привремени вработувања тежок над 37 милиони евра
За само две години, македонските државни институции потпишале над 300 тендери со приватни агенции за привремено вработување на кадар во јавниот сектор, кој и без тоа, како што велат експертите, е веќе обемен. Тендерите се во вкупна вредност од над 37 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Од Македонската академија на науки, до градинки и училишта и разни државни и општински установи се институциите кои побарале кадар во јавниот сектор од приватните агенции за привремени вработувања.